Велосипедистот од Скопје, кој завчера заврши со тешки телесни повреди по судир со друг велосипедист, кој по настанот побегнал и го оставил повреден, јавно се огласи по повод случката.
Повредениот Кирил Ефремовски (38), кој бил опериран и е хоспитализиран, раскажува детали за немилиот настан, и апелира сите да бидат внимателни, бидејќи како што него му се случило, ниту крив, ни должен можеш да настрадаш, а луѓе без сообраќајна култура и без чувство на одговорност, ќе побегнат и ќе те остават тешко повреден на улица.
-Пред 11,5 часот на стаза од лева страна на патеката, на 30 метри пред мостот кај Систина без светла ми се заби друг велосипедист додека јас возев со светла и прописно десно… сѐ се случи за помалку од пет секунди.
По шокот од повредата и малата конфузија, сфатив дека ми е скршена целосно едната рака (коската излезена), дланката скоро виси, и крварам, а имам и повреди на око, лице и усни.
Типот што ми се убута и ме удри испаничи повеќе, иако нему не му беше ништо видливо. Има околу 45 години, црн, кратко потстрижан, црни шорцеви, сива маица…
Но, не сакаше да викне 194, „телефонот нешто не му работел”, а јас со крварења и сосема пукната рака вртев по помош, а потоа се појави една девојка.
Типот што ме удри, дури стаса брза помош избега, си замина подмукло кон Карпош 4!
Итно ме оперираа ноќеска во 12 часот во ГОБ 8 Септември- појаснува велосипедистот.
Апелира на внимателност, бидејќи според неговото искуство, секој може да настрада без своја вина, а сообраќајната култура е нешто кое многумина го немале.
-Во Скопје се повеќе живеат дивјаци, преваранти, луѓе без никаква одговорност и сообраќајна култура. Ова само покажува дека ниту крив, ни должен, можеш за секунда да заминеш од овој свет, и тоа на велосипедска патека.
Особено големо фала за една девојка што џогираше во црна А|Е baseball hat & Nike патики и дечко со тиркизен скутер кои ми помогнаа. Апелирам многу да внимавате и се чувате, а МВР и Оливер Спасовски да преземат соодветни активности за случајот. (веќе дадов изјава на полициски службеници).
Фала и за дечкото до мојот кревет што ја напиша оваа порака- објави велосипедистот.
Од МВР го потврдија случајот, и бил извршен увид од страна на екипа од СВР Скопје.
Информираа дека се превземаат мерки за расчистување на случајот.
Вики Клинчарова