По младата Марија Брзакова која исчезна од семејниот дом во Босилово, Струмица, пред 19 дена, се трага и во Швајцарија, и покрај тоа што беше соопштено дека кога го напуштила домот кај себе немала никакви документи. Деновиве, од неа беа објавени повеќе фотографии на социјалните мрежи, во групите за наши иселеници кои живеат во Швајцарија, и под истите се апелира доколку некој ја забележи во Македонија, но и во Берн, Швајцарија, веднаш да се јави на објавениот телефонски број.
-Ве молиме споделете! Два месеци бремена, оваа мајка веќе има и три – годишна ќерка. Исчезната е на 18.01.2020 година, за време на нејзиниот одмор во Македонија. Живеалиштето и е во околината на Берн, во градот Schönbühl. Ако ја забележете или имате информација, ве молиме контактирајте го бројот објавен на фотографијата или локалната полиција – наведено е во апелот.
Случајот со Брзакова и покрај тоа што се апелира до јавноста за помош, е доста мистериозен. Не се откриваат податоци ниту од страна на семејството, ниту пак од полицијата и Јавното обвинителство. Познато е дека таа со сопругот и ќерката живеела во Берн, Швајцарија, а пред неколку месеци се вратиле во Босилово, родното место на родителите на нејзиниот сопруг. По нејзиното исчезнување, во Македонија пристигнале и нејзините родители, како и родителите на нејзиниот сопруг, кои исто така живееле во Швајцарија. Се до вчера, само една фотографија од жената беше достапна за јавноста, и покрај тоа што се апелираше за повеќе фотографии, со цел јавноста да добие појасна слика за Марија, и полесно да биде препознаена доколку некој ја забележи.
Пред две недели ,,Фокус” побара повеќе фотографии, за време на телефонскиот разговор со нејзината мајка, но таа ни изјави дека освен објавената фотографија, други – нема. Мајката повеќе не одговара на телефонските повици, а за други медиуми сопругот и родителите изјавија пред неколку дена дека не сакаат да даваат изјави.
Останува непознато кој споделил повеќе фотографии на социјалните мрежи, со цел да се помогне во пронаоѓањето на Брзакова. Невообичаено е и тоа што таа нема ниту еден профил на социјалните мрежи, па се наметнува прашањето дали таа не била активна ниту на една социјална мрежа, или пак самата или некој друг ги избришал нејзините профили.
-По Брзакова се трага, не можеме да откриваме детали – е соопштението од СВР Струмица кое ни го дадоа во повеќе наврати.
Вики Клинчарова