Се подготвува терен Мијалков и Камчев да излезат од притвор?

by fokus

Во наредниве неколку дена ќе биде познато дали екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, ќе излезе од притвор, или понатаму ќе продолжи неговиот престој во истражниот затвор „Скопје“. Тој понуди гаранција од еден милион евра, дека нема да избега, а судијата на претходна постапка треба да одлучи дали истата ќе ја прифати.

Околностите укажуваат дека е можно Мијалков набрзо да го напушти затворот, бидејќи случајно или не, се создадени услови за прифаќање на неговата гаранција.

Поточно, кога судијата на претходна постапка му одреди притвор за случајот „Империја“, го оправда по два основа и тоа дека постои опасност Мијалков да избега и дека постои опасност да влијае врз сведоци. Сепак, по неговата жалба поднесена до Кривичниот совет, тој и понатаму остана во притвор, но само поради опасност од бегство. Во ваков случај, може да се активира гаранцијата, и тој да излезе на слобода.

Веќе подолго време се шпекулира дека од притвор можеби ќе излезе и бизнисменот Орце Камчев, исто така осомничен во „Империја“, кој таму е веќе еден месец. Пред неколку дена Кривичниот совет му го продолжи притворот за нови 30 дена, а пред два дена неговиот адвокат Антонио Апостолски поднесе жалба пред Апелациониот суд.

Тој е во притвор поради два основи и тоа опасност од бегство и поради опасност од попречување на истрагата и влијание на сведоци.

В.В.

Поврзани новости