Се подготвува нов закон за помилување

by fokus

Во Министерството за правда во завршна фаза е текстот на новиот закон за помилување, за којшто, како што се најавува, во најскоро време ќе биде подготвена драфт – верзија.

Најзначајната измена што се предвидува е дека Претседателот ќе може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.

Од Министерството за правда за МИА велат дека причините за донесување на нов закон за помилување произлегуваат, пред се, од недостатоците и правните празнини во постојниот Закон за помилување (“Службен весник на РМ” бр. 20/93, 12/09 и 99/16), од аспект на неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со законот и од посоодветно легислативно уредување на материјата. Освен тоа, велат од Министерството, заради неопходноста од итност на постапката со законот се предвидуваат рокови за постапување на учесниците во постапката за помилување, а извршено е и терминолошко усогласување на одделни називи и поими.

-Со предлог законот се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето. Една од најзначајните измени е дека Претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Втората позначајна новина предвидена во Предлогот на законот е формирањето Комисија во рамките на Министерството за правда која подготвува писмено образложено мислење за молбата кое Министерството за правда заедно со извештајот за молбата ги доставува до Претседателот. Со ова решение се очекува да се надминат досегашните можни ризици поврзани со дискрециските права на министерот за правда, посочуваат од Министерството за правда.

Поврзани новости