Наредната недела ќе биде пуштен во продажба третиот роман на Милена Лунеска, насловен „Ќерката на премиерот“. Издавачката куќа Ѓурѓа стои зад делото на кичевчанката Лунеска, која се одлучила целиот тим ангажиран околу книгата да биде од Кичево, каде и ќе се случи промоцијата.
Насловот на книгата веднаш го привлече вниманието на јавноста во земјава. Околу тоа дали книгата е посветена на ќерката на актуелниот премиер Зоран Заев, Александра, или пак на некоја од ќерките на поранешните премиери, писателката не открива премногу детали и остава на читателите да го прочитаат нејзиното најново литературно дело.
Вели дека темата на романот е необична, но едноставна, и сака читателите да ја доживеат приказната.
-Покрај проза, јас пишувам и поезија, и темите ми се необични, од секојдневието, од животот… На пример, Пред неправдата прва да стасам, Каде одат неисполнетите желби, Непростена навреда… каде со употреба на алегорија, компарација, им вдахнувам поезија на обичните работи – раскажува Лунеска, која зад себе ги има романите „Два часа“ и „Исчистени души“.
Романот „Исчистени души“ кој го издаде пред две години забележа одлична продажба, и влезе во конкуренција за наградата Роман на годината.
За „Ќерката на премиерот“ раскажува дека е напишана во едноставен стил, со цел сите читатели да разберат што се случувало и пред себе да имаат филмски приказ.
-Темата за овој роман е необична, но сепак едноставна, се разбира на крај, кога ќе се прочита книгата. Мојата цел е книгата вистински да се прочита, а и да се разбере тоа што е напишано. Јас владеам многу добро со зборовите, можам да правам илјада комбинации во речениците, но тоа го избегнувам во книгите. Сакам на поедноставен начин читателите да разберат што се случувало, што се кажало, што било… Пред себе да имаат филмски приказ. Да скратам, сакам да ја доживеат приказната – вели писателката.
Додава дека книгата моментално се печати и ќе се најде во продажба наредната недела, но за промоцијата се уште не е прецизиран точниот датум.
-Јас подолг период сум на релација Кичево – Белград, каде живеат моите синови. Размислувам за промоцијата и сакам овој пат да ја направам во Кичево, тука да ја почувствувам позитивноста – ни изјави Лунеска.
Корицата на книгата била дело на фотографот Славе Викторијоски, додека пак модел е Мартина Димоска.
Вики Клинчарова