Директорите од две основни училишта од Кавадарци, за кои вчера од СВР Велес беше соопштено дека биле приведени во полициската станица бидејќи го нарушиле јавниот ред и мир и агресивно се однесувале кон лица од обезбедувањето на ноќен клуб во центарот на градот, во засебни објави се огласија по повод настанот.
Од истиот настан беше објавено и видео на фејсбук страницата Реално Кавадарци, на кое се гледа инцидентот пред клубот, но за кратко време видеото беше отстрането.
И двајцата директори во своите објави се согласни дека се водело хајка против нив, но не знаеле од кои причини.
Според Ѓорѓи Ѓорчев, директор во ОУ Димката Ангелов – Габерот, видеото било незаконски снимено и монтирано, а пак според Сашо Пановски, директор на ОУ Тошо Велков – Пепето, тој по прославата на Патрониот празник на училиштето дошол во клубот, и немало тепачка, туку се работело за измислици.
Во прилог, нивните јавни обраќања:
-Јас Ѓорѓи Ѓорчев под целосна морална одговорност, во врска со настанот во Дискотеката Централ, којшто се случи на ден 10.06.2023 година, околу 01.30 часот, после изнесените невистини и лажни обвинувања со едно видео и текст објавени од порталот Реално Кавадарци, чувствувам потреба да се произнесам за нелогичности кои беа објавени на порталот.
Во видеото не е прикажан моментот на провокација од страна на лицето кое вербално ме навредува и лицето коешто незаконски го снима и објавува видео записот.
Барам одговорност од порталот што го објавува видеото и од лицето кое незаконски го снимал и монтирал за да го објави.
Тие што ме познаваат знаат дека не сум конфликтна личност.
Не знам од кои причини се води хајка против мене од настанот врз основа на едно снимено и монтирано видео, преку коешто текстуално се изнесуваат невистини со цел да се наруши мојот углед и чест- наведе Ѓорчев.
И директорот на ОУ Тошо Велков – Пепето се огласи со сличен став, дека од за него непознати причини, се водела хајка против него.
-Јас Сашко Пановски,под целосна материјална и морална одговорност,во врска со настанот во Дискотеката Централ, случен на ден 10.06.2023 околу 01.40 часот,после изнесените лажни обвинувања изнесени во текст на едно снимено видео на социјалните мрежи, врз основа на кое се конструирани и изнесени текстуални невистини и лаги, чувствувам за потреба и морална обврска од мое лично име да ја запознаам јавноста што точно се случи.
Имено, после прославата на Патрониот празникот,се упативме во Дискотеката Централ, при што на влезот во дискотеката не знам од кој причини дојде до вербален конфликт со лицата од обезбедувањето на дискотеката и јас се најдов на лице место при што се обидов да го решиме целото недоразбирање помеѓу нас и обезбедувањето.
Значи сакам да појаснам дека јас не учествував во никаква тепачка со било кого, бидејки немаше никаква тепачка и сето ова се измислици.
Во контекст на тоа можете да го погледнете видеото и да се уверите во истото. Заради граѓанска должност истата вечер иако не бев приведен во ПС Кавадарци, самостојно се пријавив со цел да дадам појаснување и известување за целиот настан.
Значи не знам од кои причини се води хајка против нас од настанот, врз основа на едно снимено видео, преку кое текстуално се изнесуваат невистини и толкувања на истото со цел да се наштети на угледот и честа- наведува Пановски.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев вчера за ,,Фокус” изјави дека директорите ќе бидат разрешени од функција во понеделник. Од СВР Велес пак, најавија поднесување на соодветен поднесок против нив.
Вики Клинчарова