Претседателот Ѓорге Иванов ги повика граѓаните во недела да излезат и да го остварат правото на глас и да ја исполнат граѓанската должност.
-Повикувам да гласате по сопствено убедување и да ја дадете довербата на онаа политичка партија и опција за која верувате дека е најдобриот избор за вас и за Република Македонија. Ги повикувам сите кои се вклучени во изборниот процес да покажат достојно ниво на политичка култура и да го почитуваат Уставот и законите на Република Македонија. Ги повикувам надлежните институции задолжени за регуларноста на изборниот процес да дејствуваат согласно законските норми и правила. Да не подлежат на никакви притисоци и да немаат толеранција, ниту милост за оние, кои на каков било начин, ќе се обидат да го попречат, или нарушат изборниот процес, рече Иванов.
Тој очекува дека во демократска атмосфера на 11 декември едногласно ќе биде поздравена и признаена волјата на граѓаните, која ќе го означи „почетокот на крајот на политичката криза и ќе претставува почеток на национално помирување во Република Македонија“.