Викендов во Куратица, охридско, се одржаа традиционалните, петнаесетти по ред ,,Курајчки средби’’, настан на кој што се собираат иселениците од селото во родното огниште, и со стари македонски песни и народни кулинарски специјалитети, се дружат со своите роднини во весела атмосфера.
Освен по можноста иселениците да се дружат со пријателите и роднините од родниот крај, доброто расположение и целовечерната забава, овие средби се познати и по големиот бакшиш кој го добиваат пејачите задолжени за музичкиот дел на настанот.
Како што повеќе фолкерки кои настапувале на ,,Курајчки средби’’ во минатото раскажуваат, иселениците не жалеле да го одврзат ќесето и да ги почестат со големи суми, за нивната омилена песна. Најчесто се барале стари изворни македонски песни, како и патриотски нумери, а често се пееле и хитовите на балканската фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ, по желба на гостите.
Пред неколку години, наша позната фолк пејачка се пофали со бакшиш од над 3.000 евра, заработен на средбата.
Токму поради тоа, голем е бројот на пејачи кои со нетрпение чекаат да добијат понуда за настап на средбите.
,,Средбите се одржувале во осумдесеттите години на минатиот век, а потоа биле прекинати. Пред петнаесет години повторно ги обновивме, и интересот за нив е огромен. Секоја година имаме се повеќе и повеќе гости. Кога станува збор за музиката, имаат гостувано Елена Велевска, Татијана, Новица и многу други, а годинава настапија Сања Ристеска и ,,Селект Бенд’’. Точно е дека сите си заминуваат со добар бакшиш, иселениците не жалат пари за добра песна’’ – вели Горан Ангелоски, претседател на Месната Заедница.
Во минатото во Куратица имало околу 1.000 жители, но голем број од нив се отселиле во Америка, Австралија, Швајцарија, Германија… Денес во селото живееле околу 300 жители. Идејата на Советот на Месната Заедница, сите да се собираат и дружат, барем еден ден во годината, ја дочекале со одобрување, па затоа во изминативе петнаесет години средбите се едни од најзначајните настани во Куратица.
Вики Клинчарова