Се одложи „Трезор“, судијката очекува Горан Грујевски да биде екстрадиран до крајот на март

by fokus

Судењето за случајот „Трезор“ во кој првообвинет е екс шефор на УБК, Сашо Мијалков, се одложи, поради отсуство на поранешниот началник на Петта управа, Горан Грујевски, кој веќе со месеци се наоѓа во екстрадициоанен притвор во Грција.

Судијката, Џенета Бегтовиќ, одлучи следното рочиште да го закаже за 29-ти март, надевајќи се дека до тогаш Врховниот суд во Грција ќе одлучи по жалбата на Грујевски, кој го обжали првостепеното решение на тамошниот суд за негово враќање во Македонија. Според адвокатот, Петар Василевски, кој присуствувал на рочиштата во Грција, Врховниот суд би требало да донесе одлука во рок од три до шест месеци.

Судијката имаше можност да донесе одлука на Грујевски да му се суди во отсуство или раздвоена постапка, но бидејќи тој немаше адвокат на денешното рочиште, сепак одлучи судењето да го одложи.

Покрај Мијалков, денеска на обвинителна клупа седнаа Тони Јакимовски и Небојша Стојковиќ, исто така обвинети во овој случај.

Во случајот „Трезор“ СЈО сомнички тројца екс функционери од УБК и еден од МВР за проневера на вкупно 862.045 евра за набавка на опрема за прислушување. СЈО смета дека осомничените проневериле државни пари за лично богатење преку низа договори и анекси за набавка на опрема за шпионирање и нејзино одржување.

В.В.

Поврзани новости