Се одложи судењето за Марјан – Доказ – бара изземање на скопското обвинителство

by fokus

Судењето против сопственикот на порталот Доказ.мк, Марјан Стаменковски се одложи откако неговата одбрана побара да се изземе скопското обвинителство од постапување по предметот.

Адвокатите побараа изземање на сите обвинители од скопско бидејќи може да се јават како оштетени во постапката, односно бараат да постапува обвинителство од внатрешноста.

По нивното барање треба да одлучи Вишото јавно обвинителство, па рочиштето се одложи за во петок.

Стаменковски денеска седна на обвинителна клупа во Кривичниот суд, каде му се суди за повеќе кривични дела.

По барање на Обвинителката Зорица Павловиќ и со одлука на судијката Марија Клетничка, јавноста беше исклучена од почетокот до крајот на главната расправа, бидејќи на неа ќе се изнесуваат лични детали од животот на оштетените.

Во судницата се појавија шестмина оштетени сведоци, меѓу кои и двете новинарки на „Фокус“ – Валентина Вурмо и Ирена Мулачка.

Стаменковски е обвинет за неколку кривични дела: две дела за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари.

Поврзани новости