Повторно се одложи јавната седница за судскиот случај „Фаланга 2“, што денеска требаше да се одржи во Апелациониот суд. Пред два месеци седницата се одложи бидејќи од притвор не беше донесен првообвинетиот Илчо Бојчевски, а денеска иако беше донесен со мало задоцнување, седницата се одложи поради барање за изземање на судијката Цветанка Периќ.
Имено, нејзино изземање бараат првите четворица обвинети, бидејќи таа била во советот кој претходно одлучувал да им се укине мерката домашен притвор и да се вратат во притвор. Поради отсуство на претседателот на судот, кој ја носи одлуката за изземање, претседателот на судскиот совет одлучи да ја одложи седницата за 1 октомври.
Во 2014 година Основниот суд Скопје 1 ја укинал мерката притвор према обвинетите Илчо Бојчевски, Драган Милосовски, Коста Великов и Али Касум, и им одредил мерка куќен притвор се до правосилноста на пресудата. Обвинителството се жалеше на ваквата одлука, а Вишото обвинителство, пак, предложи да се одбие жалбата на обвинителството, и обвинетите да останат во притвор. Советот на Апелациониот суд, од кој дел беше и судијката Периќ одлучија да ја прифатат жалбата на обвинителството и обвинетите да ги вратат во притвор.
-Од причина што судијката Периќ претходно учествувала како член на советот на Апелација кој донел одлука куќниот притвор да се замени со притвор, истата во никој случај не може и не смее да биде член на советот кој ќе одлучува по жалбата изјавена од страна на обвинетите против пресудата на Основниот суд Скопје 1, образложи адвокатот Звонко Давидовиќ.
Во барањето за изземање на судијката исто така се наведува дека таа веќе има извршено увид во списите на предметот и доказите, а веќе има и изграден став, бидејќи донела одлука во врска со притворот, па сега не би можела да одлучува објективно.
Апелациониот суд, по одржувањето на јавната седница ќе треба да одлучи дали ќе ја потврди првостепената пресуда, ќе ја укиние и ќе го врати случајот на повторно судење, или ќе донесе нова пресуда. Со првостепената пресуда, минатото лето, на затворска казна од седум и пол години беше осуден поранешниот раководител на Одделението за превенција при Управата за заштита на културно наследство Илчо Бојчевски, за делата: „злосторничко здржување“, „злоупотреба на службената положба“, „тешка кражба“ и „прикривање“.
Останатите обвинети кои се товарат дека биле дел од злосторничката група која се занимавала со трговија на артефакти добија меѓу три и пол и шест и пол години затвор. Ексдиректорот на Управата за заштита на културно наследство, Паско Кузман, кој е меѓу последните обвинети, доби три години затвор за злоупотреба на службената положба. За четворица обвинети беа изречени условни казни. Кузман денес не се појави во судница, но неговото присуство е незадолжително. Судењето стартуваше пред една година, на 9 август 2013 година. Најгласен во текот на судскиот процес беше поранешниот раководител на Одделението за превенција при Управата за заштита на културно наследство, Бојчевски, кој негира дека тргувал со археолошки предмети. Бојчевски во своја одбраната тврдеше дека е жртва на лажен сведок и мета на одмазда на финансиски моќници токму поради тоа што успешно се справувал со нелегалната трговија со артефакти.