Под мотото „Непокор и слобода” , денеска со пригодни настани ќе се одбележи државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание.
Централниот настан за одбележување на празникот ќе се одржи пред Спомен – костурницата во Куманово, а владини делегации ќе положат свежо цвеќе пред спомениците на паднатите борци од НОБ во Скопје и во Прилеп.
Во Куманово, централниот настан ќе започне во 10:00 часот со положување свежо цвеќе пред Спомен – костурницата. Владината делегација ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во состав на делегацијата се Артан Груби, Оливер Спасовски, Бисера Костадиновска Стојчевска, Азир Алиу.
Во Скопје, со почеток во 10:30 часот, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска заедно со Филип Николовски, заменик министерот за финансии и Беким Реџепи, заменик министерот за транспорт и врски, ќе положат свежо цвеќе во Меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ Бутел во Скопје, а во 11:30 часот ќе положат свежо цвеќе на споменикот „Ослободителите на Скопје”, на платото кај Владата.
Како дел од чествувањето на Денот на народното востание, во Прилеп владина делегација, во 09:30 часот, ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, потоа пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу и пред Могилата на Непобедените.