По четири месеци од трагедијата, се уште не е пристиганто вештачењето од Германија, за пожарот во модуларната болница во Тетово, велат од Обвинителството за „Фокус“.
-Предметот е во фаза на предистражна постапка во која интензивно се постапува за утврдување на фактите. Пристигнатите извештаи во обвинителството се анализираат во корелација со останатите докази, но Јавното обвинителство не е во можност да сподели детали. Се очекува вештачењето од германските експерти кое беше побарано преку меѓународна правна помош, кое се уште не е пристигнато, ни одговорија од Обвинителството.
Неофицијално, пак, дознаваме дека најавите од Германија се дека вештачењето ќе стигне набрзо.
Во меѓувреме, како што велат од Обвинителството, се сослушуваат сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот.
-По целосно утврдување на фактите, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, додаваат од таму.
Пожарот во модуларната болница изби на 8-ми септември годинава. Како што веќе објави „Фокус“, првите обиди да се справат со пожарот го направиле припадници на медицинскиот персонал кои се затекнале внатре, и тоа со она што прво им дошло при рака, однсоно со ќебе и вода. Оваа информација уште повеќе ги потврдува и првичните неофицијални информации дека во објектот немало противпожарен апарат.
Пред два месеци, во Основното јавно обвинителство Тетово беше доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.
– Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, информираа тогаш од Јавното обвинителство.
Во пожарот загинаа 14 граѓани.
Валентина Вурмо