Концертот на музичката ѕвезда Лени Кравиц, кој ќе се одржи во Охрид на 4-ти август, во салата Билјанини извори, ги израдува љубителите на рок музиката.
Ова ќе биде негова трета посета на Македонија, откако својот прв концерт го одржа во Охрид во 2008 година на стадионот Билјанини извори, а настанот беше опишан како еден од најдобрите концерти кои се случиле кај нас. Потоа, во 2019 година, тој во Арена Борис Трајковски во Скопје го промовираше 11-от студиски албум „Raise Vibration“, кој излезе во 2018 година. Тогаш одржа европска турнеја и единствени земји во регионот во кои настапи беа Македонија и Бугарија.
За претстојниот концерт на Кравиц во Охрид, кој е во организација на Авалон, од продукцијата откриваат дека тој сакал да се врати во Охрид, па затоа специјално била направена неговата рута, за да се исполни неговата, но и желбата на македонската публика.
-Лени е секогаш Лени: A класа светски артист чии концерти се највозбудливото искуство кое може да го приреди лајв индустријата денес. Но, овојпат доаѓа поголем од било кога до сега, како дел од европската турнеја ,,Blue Electric Lights 2024″, во која претежно ќе биде хедлајнер на многу светски, големи фестивали, како и неколку соло концерти, во кои спаѓа токму и охридскиот. Лени во моментов е номиниран за член на ,,Rock and Roll Hall of Fame”, а неговиот нов албум со наслов ,,Blue Electric Lights” излегува на 24ти мај. И, за крај… да, Лени сакаше да се врати во Охрид. Рутата се направи специјално така за да овојпат се исполни и вашата, и нашата и неговата желба- информираат од продукцијата.
Влезниците за концертот се пуштени во продажба по цени од 1.990 денари, до 6.000 денари за Ултра ВИП. Во склоп големата европска турнеја на Кравиц, покрај концертот во Македонија, тој ќе одржи концерти и во Германија, Данска, Норвешка, Холандија, Белгија, Франција, Италија, Швајцарија, Полска, Чешка, Хрватска, Грција, Бугарија, Романија, Италија, Монако, Австрија…
Турнејата започнува на 23-ти јуни во Хамбург, а завршува на 16-ти август во Монте Карло.
Вики Клинчарова