Се намалува бројот на заразени од Ковид-19 во земјава, над 800.000 вакцинирани со една вакцина

by Fokus

Во последните две седмици регистрирано е намалување на инциденцата на Ковид-19 во 22 градови во земјава. Најголемо намалување е забележано во Македонски Брод, Демир Хисар, Крива Паланка и Ресен. Зголемување се забележува во 12 градови, а состојбата останува непроменета во Пехчево. R0 се движи од 0,56 во Демир Хисар до 1,74 во Пробиштип, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје.

Заклучно со 14 август годинавa, според ИЈЗ, пријавени се вкупно 335.451 случаи на КОВИД-19. Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Куманово и Битола, а највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци (29.712,4/100.000) и Скопје (26.021,9/100.000). Највисок морталитет се регистрира во Охрид, Прилеп и Кавадарци. Највисок леталитет се регистрира во Струга и Крива Паланка.

Возраста на заболените се движи од 0 до 101 година, со просек – 44,0 години. Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 83.963 или 25 проценти, додека највисок специфичен морбидитет од 25.499,2/100.000 се регистрира кај возрасната група од 30-39 години (n=63.871). Најнизок специфичен морбидитет од 4.227,6 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 години, каде се пријавени 8.702 лица.

Како што информираат од Институтот, во текот на минатата недела се хоспитализирани 52 случаи, со што вкупниот број на хоспитализирани лица е 199. Од нив, 55 се на кислородна поддршка и еден пациент е на инвазивна механичка вентилација.

Заклучно со 14 август оваа година, вакцинирани се вкупно 875.431 лице со барем една доза вакцина против КОВИД-19. Со две дози вакцинирани сe вкупно 856.460 лица.

-Со една доза на вакцина против КОВИД, во државата и странство, вакцинирани се 59,5 проценти од населението над 18-годишна возраст, односно 55,1 отсто од населениетo над 12-годишна возраст, додека од вкупното население вакцинирани се 47,7 проценти, покажуваат податоците од ИЈЗ.

Опфатот со две дози на вакцина кај населението над 18-годишна возраст изнесува 58,2 проценти, односно 54 отсто кај населението над 12-годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 46,6 проценти.

Со трета доза се вакцинирани 11,1 проценти од населението над 18-годишна возраст,  додека кај населението над 12-годишна возраст е 10,2 отсто. Опфатот со трета доза на вкупното население изнесува само 8,8 проценти.

Според категоризацијата на ризикот и проценката на ситуацијата, земајќи ги предвид индикаторите на Светската здравствена организација (СЗО) за можноста за понатамошна трансмисија и капацитетите за одговор на земјата се проценува дека Северна Македонија е во фаза на широка трансмисија, со соодветни капацитети за одговор.

Поврзани новости