Во изминативе два дена за прв пат откако започна да функционира ковид одделот во болницата во Кавадарци, од средината на октомври, забележано е значително намалување на бројот на хоспитализирани пациенти.
Одделението во кое престојуваат пациенти од Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија започна со работа пред повеќе од два месеци со капацитет од 14 кревети, за да набргу потоа биде проширено на 23 легла, а потоа, поради зголемениот број на лица на кои им беше потребна хоспитализација, се прошири на 60 легла.
Директорот на болницата д-р Диме Коцев потврди дека има намалување на бројот на лица на кои им е потребна хоспитализација.
-До пред три дена таму беа хоспитализирани 50 пациенти, за да денес нивниот број изнесува 36, а слободни се 24 места. Изминатиот период кој беше доста напорен, се случуваше на одделот да бидат сместени и над 55 пациенти, сега бројките за среќа се во опаѓање – потврди тој.
И бројот на новоинфицирани во Тиквешко е намален последните денови. Вчера беа регистрирани 47 случаи, а пак завчера 13. Вкупно 180 нови позитивни случаи беа забележани изминативе пет дена.
Вики Клинчарова