Во тек на вчерашниот ден, српската турбо фолк пејачка Теа Таировиќ беше во Скопје, каде се дружеше со македонските новинари со кои ги сподели деталите за најавениот концерт во Скопје, закажан на 30-ти ноември во Арена Борис Трајковски, а потоа заминала во Крушево.
Од таму, таа објави фотографија, од спомен куќата на Тоше Проески, и напиша дека не го познавала лично, но ја знаела неговата душа преку музиката.
-Денес дознав уште многу детали за неговиот живот и полна сум со емоции и убавина! Колку ги сакал луѓето, музиката, животот… Македонија ја препознала неговата генијалност и вонсериски талент уште на почетокот на неговата кариера, напиша Таировиќ, позирајќи со плишано мече покрај изложените фотографии на Тоше.
На нејзината објава реагираше Јелена Карлеуша, според која станува збор за злоупотреба на името на Тоше поради маректинг пред настап во Македонија.
-Лажни солзи, евтината патетика од уште поевтини пејачки со злоупотреба на ликот и делото на покојниот Тоше Проески, добива најлош нечовечки и нечесен облик!
Лигаво да се заработи, и тоа позирајќи пред камери! Дното го доби својот подрум! Сигурна сум дека Македонците ќе ги препознаат таквите лиги и ќе ги наградат со апсолутен бојкот, порача Карлеуша.
Инаку, таа имаше концерт во Скопје, на 19-ти октовмри во Арена Јане Сандански, каде ја запеа ,,Бисер Балкански” и го вееше македонското знаме.
И Таировиќ на своите чести настапи во Македонија го вее македонското знаме додека ја изведува ,,Македонско девојче”.
Кон крајот на 2022 година, таа беше мета на критики во земјава, откако на социјалните мрежи се појави видео снимка од нејзин настап во Благоевград, Бугарија, каде го промени текстот на песната ,,Македонско девојче”. Наместо ,,Македонско” девојчето стана ,,Бугарско” во променетиот текст, по што следеа бурни јавни реакции од нејзините македонски обожаватели.
По низата критики се огласи на Инстаграм со порака дека ќе сними песна за Македонија, со која ќе оддаде почит и благодарност за сета љубов која ја добивала од Македонците, но до денес, песната не е издадена.
Вики Клинчарова