Вработените рудари, за „Фокус“ анонимно си ги раскажуваат маките, од страв да не го изгубат работното место.
„Ни рекоа дека сите ќе добиеме по 8.000 денари, а дополнително ќе ни биде исплатен и остатокот од платата. Отворено ни кажаа, кој сака да работи добро, кој не, нека си оди, вели вработен во рудникот „Тораница“.
Рударите објаснуваат дека доколку до утрешниот ден не го добијат остатокот од платата, ќе организираат генерален штрајк.
Покрај финансиските проблеми со кои се соочуваат, овие вработени се жалат и на условите во кои работат. Објаснуваат дека работат со застарена опрема, дека нема доволна вентилација во јамите, а и дека се превезуваат со возила на кои често им откажуваат сопирачките.
„Самата работа во рудник си носи ризик, но лошите услови уште повеќе го зголемуваат. Веднаш би си заминал, но нема каде да одам. Заглавени сме со кредити, и мора да трпиме“, вели нашиот соговорник.
Дел од вработените во „Тораница“, и покрај стравот од отказ, неодамна поднесоа и тужби, за неплатен минат труд, а судот одлучи во нивна корист. По позитивната одлука на судот, на ваков чекор се одлучиле и други вработени, кои во моментот ги подготвуваат тужбите.
Преку писмо ни се обратија и дел од вработените во рудникот „Злетово“, кои ни раскажаа за истиот проблем со намалената исплата на платата. Објаснуваат и дека „Злетово“ важел за еден од најбезбедните рудници во Македонија, но го изгубил приматот, поради недоволното инвестирање во опрема.
„Од тука лебот го вадиме околу 500 фамилии. Но, сега поголемиот дел сме дома и чекаме да не повикаат на работа, бидејќи кога почнаа дождовите, се поплавија јамите и е невозможно да се работи. Проблемот би се решил со пумпа, но никој не ја купува. Сега чекаме дома и се молиме повеќе да не врне, за да се вратиме на работа, се наведува во писмото.
Рударите објаснуваат дека информацијата за намалената плата ја добиле преку соопштение, а посочуваат дека во изминативе шест-седум месеци, платата ја добивале со задоцнување, на крајот на месецот.
Став побаравме и од фирмата „Индо минерали и метали“, со седиште во Пробиштип, со цел да ја слушнеме и втората страна на приказната, но сѐ уште не добивме одговор. „Фокус“ останува отворен за објавување на нивниот став.