„Ни ги одземаа возилата, па со нив се развезуваат по министерствата“!

by fokus

Оваа легална „кражба“, беше овозможена минатата година, кога со измена на Законот за превоз во патниот сообраќај, беше пропишано дека трајно да им се одземат возилата на дивите превозници, кои без лиценца вршат превоз на патници.

Оштетените граѓани обвинуваат дека е недозволиво возилата да им се одземат веднаш на лице место, пред да ја добијат одлуката од Управниот суд, каде што ја обжалиле ваквата одлука.

„Без судски да се докаже дали навистина на „диво“ сме превезувале патници или не, насилнички, ни ги одземаа возилата. Еве за моето ми кажаа дека го возат вработени во Министерството за здравство“, вели нашиот соговорник, чиј идентитет му е познат на редакцијата на „Фокус“.

Нашите соговорници, кои се од внатрешноста на Македонија, коментираат дека се целосно збунети, бидејќи кога патуваат кон Скопје, излегува дека не им е дозволено да превезуваат никого.

„Јас работам во Скопје и патувам со мојот автомобил. Еден ден заедно со мене беше и мојот брат и негов другар, зошто требаше во главниот град да конкурираат за работа. Полицијата ме запре и ми го одзеде автомобилот. Зарем е прекршување на закон ако заедно патувам со мојот брат? Што требаше да направиме, сите тројца да одиме со посебни возила?“, прашува збунето соговорникот.

Од Министерството за транспорт и врски објаснуваат дека измените на Законот за превоз во патниот сообраќај со кои се предвидуваат мерки за трајно одземање на возилата со кои нелегано се врши превоз, стапиле на сила на крајот на февруари 2013 година. Покрај трајното одземање на возилото, предвидена е и парична глоба од 500 евра.

„Овие мерки се преземени со цел спречување на незаконскиот превоз на патници и стока, односно санкционирање на лицата што го вршат незаконскиот превоз. Возилото се одзема со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот за период од шест месеци до една година, а во случај на повторување на прекршокот возилото се одзема трајно“, објаснуваат од Министерството за транспорт и врски.

Од таму додават дека на овој начин до сега трајно се одземени вкупно 137 возила, и истите се предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. Од Агенцијата, не добивме одговор, во кои државни институции се распоредени овие возила.

Токму овие законски измени се неуставни за пензионираниот правник Стамен Филипов, кој по реакција на неколкумина оштетени граѓани, поднесе иницијатива до Уставниот суд.

Филипов објаснува дека со овие законски одредби полицијата, како извршна власт, директно се меша во работата на судската власт.

Ваквите законски одредби немаат основ во Уставот на Македонија, затоа што ваквата надлежност не може да се предвиди и препушти само за инспекторот за патен сообраќај, затоа што ваквата функција можаат да ја вршат само судовите, а не инспекторите за патен сообраќај“, дециден е Филипов, кој со иницијативата го оспори членот 99-а став 3 и став 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Филипов потсетува на темелната вредност на уставниот поредок на Македонија, односно на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, потенцирајќи дека судството е поставено како единствен систем на владеење на правото и правната држава.

„На овој начин се повредува и уставното загарантираното право на сопственост, а исто така според член 55 став 3 од Уставот, слободите на пазарот и претприемништвото може да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето, но не и заради сторен прекршок, како што е предвидено со оспорените законски одредби“, објаснува Филипов, кој бара оспорените законски одредби да се поништат.

Стамен Филипов во јавноста е познат како „уривач на законите“, бидејќи издејствувал да се укинат околу 250 спорни законски одредби, но и девет закони во целина. Првата иницијатива до Уставниот суд ја поднел уште во 1993 година и оттогаш не запрел. Сепак вели дека од неодамна, по значителното менување на овој судски состав, доживевува повеќе порази, отколку успеси.

„Се забележува голема разлика во работата и постапувањето на Уставниот суд во изминатава година, споредбено со порано, а би рекол на штета на граѓаните. Во минатото успеав да укажам на многу грешки во законите, поради што беше постапувано по над 300 иницијати, а сега во изминатава година постапуваат по само две иницијативи, од која едната беше прекината и тоа по барање на Владата“, вели Филипов.

Очите на оштетените граѓани сега се вперени во Уставниот суд, каде што ја гледаат последната надеж за докажување на нивната правдина.

 

 

 

Поврзани новости