Во контактната емисија ,,1 минута на 1ТВ’’ која се емитува секој ден во 19.15 часот на 1ТВ, вечерва се јави една од играорките на автопатот. Во разговор со водителот Христијан Баневски, таа тврди дека како вработена во компанијата Актор, не гледа ништо спорно во веселбата, бидејќи само се радувале поради изградениот автопат.
-Се јавувам по повод вчерашната журка на автопатот. Ние од Актор вработените игравме и се веселевме оти изградивме автопат. Со колешките се фативме така спонтано и беше убаво. Се зачудив зошто се смеат луѓето, еве сме се фанале, четири колешки игравме, убаво си поминавме, ние го градевме автопатот – изјави жената која се претстави дека наводно е една од играорките.
На прашањето на водителот дали е спорно што ваква прослава се организира на автопат за кој што има сомнение дека се испрани милионски суми на пари, таа му одговори дека не ја интересира кој што правел, крадел или градел, туку си танцувале поради изградениот автопат.
-Има кој да си ги решава другите работи, не можеме сите да бидеме и правници и градители. Малку се расположивме, не правевме свадба таму. Се дружевме, се веселевме, патот не беше уште пуштен за автомобили, што има тука лошо – раскажа гледачката во програма.