Димитров и Коѕијас во Виена на средба со Нимиц

by fokus 08:06
08:06

Шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска попладне во Виена ќе имаат средба со медијаторот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц.

И претходната средба во ист формат беше одржана во Виена на 30 март. Во меѓувреме Коѕијас и Димитров имаа билатерални средба на 12 април во Охрид.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во изјава за грчкото радио 247 рекол дека договор не може да се постигне до јулскиот самит на НАТО.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вчера изјави дека очекува прашањето за името меѓу Македонија и Грција да биде решено во наредните 15 дена.

– Јас сум оптимист дека во следните две недели ќе биде најдено решение за името или барем решение што ќе го отвори патот за почнување на пристапните преговори со ПЈРМ. Мислам дека сите се согласни оти тоа би било корисно за земјата и за целиот регион на Западен Балкан, рече Хан пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, објави ИБНА (Независната балканска новинска агенција).

Македонскиот премиер Зоран Заев запрашан да ја коментира изјавата на Хан, вчера на прес-конференција рече дека не верува оти за две недели може да се реши спорот за името.

– Еврокомесарот Јоханес Хан е голем пријател на Македонија и дај Боже тој да има информација што за две недели би завршиле. Јас тоа го посакувам, но верувам дека не е можно затоа што утре имаме средба помеѓу двајцата министри за надворешни работи. Знам од прилика како ќе се разговара и до каде очекуваме да завршиме. Генерално тоа што јас го очекувам е да направиме максимални напори до одлуката на Советот на Европската унија затоа што сигурни сме дека ако имаме решение дотогаш, покрај тоа што заслужуваме, ќе добиеме дефинитивни и најсилни гаранции оти ќе добиеме датум за преговори, рече Заев.

Во однос на поканата за НАТО, посочи оти е познато дека таа се добива автоматски.

Грчкото Министерство за надворешни работи (МНР), преку соопштение реагираше на изјавата на еврокомесарот Хан повикувајќи го да престане да дава погрешна слика за преговорите.

– Го повикуваме комесарот Хан да престане да дава погрешна слика за преговорите кои, како што се покажува, не ги разбира. Најмалку што може да направи е да престане да ги поткопува, соопштуваат од МНР на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Министрите Димитров и Коѕијас, како што веќе беше соопштено по нивната средба во Охрид, ќе се сретнат и на двете конференции кај јужниот сосед, едната на 3 и 4 мај во Солун, другата една седмица подоцна во Сунио.

Поврзани новости