Унгарскиот јавен сервис М1 денеска во 16 часот престана да емитува информативна програма, а наместо вести на екранот беше прикажана порака со извинување до гледачите и најава за трансформација на медиумот, пренесува Си-ен-ен.
Во пораката што се емитуваше на М1 се наведува:
„Јавните медиуми не смеат да лажат. Се извинуваме што го правевме тоа со години. Јавниот сервис сега се трансформира за да биде независен и кредибилен. Информативната програма е привремено суспендирана. Останете со нас.“
Во исто време, со работа престана и информативниот портал Hirado.hu, кој ја објави истата порака, додека државното Радио Кошут наместо вести емитуваше исклучиво музичка програма.
Според соопштението на унгарската државна новинска агенција МТИ, М1 привремено ќе продолжи со емитување од 19:56 часот, но во изменет формат – со филмска програма и без вести. Во меѓувреме, програмата на Радио Барток ќе се емитува на фреквенцијата на Радио Кошут.
Од МТИ соопштија дека паралелно се формира нова редакција, по што информативната програма постепено ќе биде обновена.
„Транзицијата нема значително да влијае на останатите програмски содржини на јавниот сервис“, се наведува во соопштението, пренесува унгарскиот портал „Телекс“.
Така, спортскиот канал М4 Спорт ќе продолжи непречено да ги емитува спортските настани.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар на социјалните мрежи оцени дека станува збор за „историски момент“, наведувајќи дека конечно е запрена, како што рече, пропагандата на јавниот сервис.
Маѓар и политичарите од неговата партија Тиса за време на изборната кампања ветија дека, доколку дојдат на власт, ќе ја прекинат партиската пропаганда во државните медиуми.
М1 важеше за еден од каналите што најсилно ја промовираше политиката на Фидес, а за време на владеењето на Виктор Орбан беше реорганизиран во 24-часовен информативен канал.
Во пресрет на промените, привремениот извршен директор на MTVA, Андраш П. Хорват, го разреши директорот на М1, Жолт Немет, а според „Телекс“, оставка поднел и заменик-директорот за содржини Жолт Мезеи.
Според истите информации, отказ добиле и неколку телевизиски презентери, а еден од нив, Атила Чашар, бил изведен од зградата од обезбедувањето.
Новото привремено раководство на унгарскиот јавен сервис официјално ги презеде своите должности, а според најавите, по завршувањето на преодниот период ќе биде распишан конкурс за избор на трајно раководство.