Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) изработува карта на загадувачите, за почеток во градот Скопје, каде ќе ги идентификува сите точки што се во нивна надлежност.
Ова денеска го соопшти в.д. директорката на ДИЖС Ана Петровска, која посочи дека целта е понатаму кога ќе биде готова алатката за непосредно пријавување на загадување да можат граѓаните да имаат попрецизна информација што всушност пријавуваат.
Во однос на депонијата Вардариште, Петровска вели дека за да се направи нејзина санација треба да се обнови физибилити студијата и да се направи проектна документација за затворање.
Вардариште, како што додаде, во овој момент е црна точка, токму заради тоа што таму има неформални собирачи на отпад. Според неа треба координирана акција на сите расположливи ресурси и на МВР, и соработка со Министерството за труд и социјална политика.
– Во овој момент уште не е договорено како тоа ќе се реализира, но чувствувам огромна одговорност во итно време да го направиме тоа, рече Петровска.