Општина Крива Паланка повикува на смиреност по новонастанатата состојба и излевањето на долови и делови од Крива Река.
„Се повикуваат на смиреност граѓаните, службите од општината се на терен, се превземаат сите мерки, состојбата е под контрола. Поради обилните врнежи дојдено е до поголемо излевање на повеќе долови, Домачки Дол, Куков Дол, Киселичка река, а надојдените водотеци, долови и буици предизвикаа излевање на Крива Река. Се повикуваат сите граѓани да останат смирени и крајно внимателно да се однесуваат и да постапуваат, особено во реонот по десниот брег на течение на Крива Река, како и во реоните кадешто има појава на свлечишта и граѓаните да не ги користат пешачките мостови на Крива Река“, соопштија од Општината.
Поради свлечиште целосно е во прекин сообраќајот на патниот правец Крива Паланка – село Луке. Како што информира АМСМ, сообраќајот е во прекин во двата правци од 21:00 часот.
По денешните интензивни врнежи од дожд забележан е зголемен водостој на реката Пчиња во Пелинце и на хидролошката станица на Крива Река во Крива Паланка, информира Центарот за управување со кризи.
Според сегашните информации кои ги објави ЦУК, Осички Мост, мост на Трновска река и Шаров Мост се превентивно затворени.