Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција истражува зошто во Министерството за внатрешни работи со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, во која на последна контрола бил и автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија и изгореа 45 патници.
Информацијата ја објави „360 степени“, а за „Фокус“ ја потврдија официјално од обвинителството.
– Предистражната постапка во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е започната во текот на вчерашниот ден. Во моментов се прибира документацијата што е неопходна за расчистување на случајот. Со оглед на тајноста на предистражната постапка во моментов не можат да се споделат повеќе детали, велат од Обвинителството.
Решението за забрана за работа, кое „360 степени“ го стави на увид на јавноста, е потпишано од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 26 ноември 2021 г. (три дена по несреќата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија).
Од документот се гледа дека неправилности во работата на станицата за технички преглед во село Глумово, Општина Сарај, биле откриени уште на 12 август 2021 г., но од засега необјаснети причини, министерот Спасовски не потпишал решение за привремена забрана за работа – до отстранување на пропустите, иако таков предлог бил изготвен од соодветните служби во Бирото за јавна безбедност.
Во меѓувреме, на 5 октомври 2021 г., автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија и со себе однесе 45 животи, поминал на технички преглед токму во оваа станица.
Освен оваа постапка во исто време во скопското обвинителство во тек е предистражната постапка којашто се однесува на евентуални други пропусти од институциите надлежни да ја контролираат работата на „Беса транс“.
До овој момент, Јавното обвиителство нема сознанија дека сопственикот на фирмата е недостапен на органите на прогонот, односно во текот на досегашната постапка тој соработувал со истражните органи.
Фокус испрати прашања и до МВР, но одговор не добивме.