Се гради ли панорамското тркало со парите на скопјани?

by fokus

Јавното сообраќајно претпријатие, кое стои зад изградбата на панормското тркало во коритото на Вардар, бара од Град Скопје дополнитени субвенции во износ од 1,6 милиони евра. Во барањето до градскиот совет е наведено дека претпријатието се соочува со потешкотии во работењето поради воведувањето на нов електронски систем при наплата на билетите.

Наместо предвидените 1,9 милиони евра за годинава, ЈСП сега бара субвенции во вкупен износ од 3,4 милиони евра.

„Поради дополнително зголемување на трошоците на претпријатието по основ имплемантација на интегрираниот систем за јавен превоз, трошоците по превземени капитални инвестиции ги надминуваат доделените субвенции и донации како и поради влошената тековна ликвидност на сервисирање на доспеаните обврски“, стои во објаснувањето за потребата на ЈСП од нови средства.

Опозицијата во градското собрание, предводена од СДСМ, се сомнева дека средствата ќе се искористат за доизградба на панорамското тркало, проект кој го започна и на кој инсистираше претходната Влада предводена од Никола Груевски.

– Тоа се прави преку моделот за субвенции кои се даваат како парични средства на Јавното сообраќајно претпријатие за така наречени потешкотии во работењето, а всушност се работи за покривање на трошоците од градбата на Панорамското тркало. Градската власт во заминување предводена од ВМРО-ДПМНЕ, упорно настојува по секоја цена да го доврши овој доста критикуван и контроверзен проект. Откако по промената на централната власт беа прекинати донациите од државните институции за тркалото, се премина на форма со субвенции од градот Скопје – изјави координатор на советничка група на СДСМ, Драги Давчевски.

Од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски ги отфрлаат овие тврдења.

-Секоја година на ЈСП  му се даваат субвенции за покривање на загубите од потешкотиите во работењето. Град Скопје никогаш не го финансирал панорамското тркало, ниту овие пари се за таа намена – велат од таму.

Панормаското тркало почна да се гради со донација од Агенцијата за електронски комуникации, но од таму најавија дека повеќе нема да одвојуваат средства за оваа инвестиција. Тркалото, мостот на кој ќе биде поставено, како и други продружни елементи треба да чини над 18 милиони евра.

 

Поврзани новости