Лозарите од Тиквешијата ќе добијат ново здружение, бидејќи во изминатиов период веќе постоечкото, Агротиквешија, на чело со лидерот Љупчо Аризанов беше на мета на критики поради тоа што стана еден вид на политичка алатка на ВМРО ДПМНЕ.
Имено, Аризанов, претседател на регионалниот Сојуз на лозари, Агротиквешија, често беше на мета на напади поради своите политички ставови и завземање на политичка страна, наместо да ги стави во прв план потребите на лозарите, кои се во незавидна положба во изминативе години поради редовните проблеми со откупот, цената и исплатата на грозјето.
Тој неретко беше во првите редови на партиските митинзи на ВМРО ДПМНЕ и гласен говорник на протестите на ,,За заедничка Македонија’’.
Постапката за формирање на нова невладина организација која ќе се бори за оставрување на правата на лозарите и подобри услови за лозарството веќе била отпочната. Лозарот Трајче Кулев од Кавадарци бил избран за прв човек на новото здружение, и за регионалната телевизија КТВ изјавил дека ќе се занимава со проблемите на лозарите, без при тоа да дозволи политиката да навлезе во него, како што беше случај со Агротиквешија.
-Нема да дозволиме ниту еден претставник од раководството да внесува политика во здружението, бидејќи така нема напредок – потенцирал Кулев.
Новото здружение ќе започнело да дејствува на терен по завршување на правните процедури, односно по регистрацијата на истото.
Вики Клинчарова