Се бришеле траги од воланот, родителите на Фросина се убедени дека друг возач ја прегазил нивната ќерка

by fokus

Родителите на 19-годишната Фросина Цековска од Крива Паланка, која пред пет месеци беше прегазена кај Универзалната сала во Скопје, се повеќе се убедени дека автомобилот со кој беше усмртена нивната ќерка не го возел осомничениот Љубиша Видејковиќ, туку зад воланот седел друг возач.

Нивниот сомнеж уште повеќе се зголеми вчера, бидејќи обвинителството ги повика за да ги информира за текот на истрагата, која веќе е завршена. Таткото на Фросина, Љупчо Цековски, се обрати во јавноста, откако му беа презентирани дел од доказите.

-Не се совпаѓаат отпечатоците најдени на воланот со пријавениот убиец, а исто така има и бришани траги на воланот. Во возилото се најдени и други отпечатоци. Уверени сме дека некој друг возел, но се штити од некој голем моќник во државата, истакна Љупчо Цековски, татко на починатата Фросина.

frose

Тој додаде дека осомничениот возач пред обвинителството рекол дека ќе се брани со молчење, што уште повеќе ги уверува дека тој не го управувал возилото.

-Рекол дека ќе молчи, сигурно за да не ја открие местенката. Исто така најголема грешка е што тој не беше ставен во притвор, бидејќи самиот се пријави во полиција, па требаше и да биде затворен, вели Цековски.

Фросина животот го загуби на булеварот Партизански одреди, пред Универзална сала, откако во неа удри возило „хонда“ со скопски регистарски таблички. Дваесет и шест годишниот возач првично избегал од местото на несреќата, а потоа сам се пријавил во полициска станица.

Од обвинителството велат дека истрагата е готова, но се уште нема одлука дали и против кого ќе биде покренато обвинение.

 

 

Поврзани новости