Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица за сторени кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215, поради основано сомневање дека како организирана група неовластено држеле и продавале наркотична дрога – кокаин, пронајдена кај дел од нив при личните претреси и претресите во нивните домови.
„Кај двајца од осомничените е пронајден и различен вид муниција што неовластено ја држеле, поради што против нив се води постапка и за сторено кривично дело Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик. По преземени истражни дејствија во текот на изминатите месеци, за сите осомничени се обезбедени материјални и други докази врз основа на кои се темели основаното сомневање за сторените кривични дела. Од тие причини, а поради постоење на законските основи, како и заради избегнување на попречување на водењето на кривичната постапка до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесен е предлог за изрекување на мерки за обезбедување на присуство на осомничените“, се наведува во соопштението од ОЈО.