Премиерот Зоран Заев вели дека се е направено навреме за барањата за набавка на вакцина за вирусот Ковид-19. Очекува во следните денови да се најде решение за директна набавка.
Без разлика за која вакцина за коронавирусот да се работи, истакна Заев денеска, сите ни стојат на располагање.
-Покрај Ковакс системот, имаме директно преговори и разговори со производителите на вакцина. Се бара решение до вечер од Бирото за јавни набавки, по препорака на Владата од минатата недела да даде решение како директно можеме да купиме вакцина, рече Заев, дополнувајќи дека според досегашните законски регулативи мора да има тендер, постапки, компетенции, конкурентност…
Владата, како што рече премиерот, очекува од Бирото за јавни набавки да бидат инвентивни и да кажат како може тоа да се направи. Доколку одговорот биде дека не може, најави дека министерот за здравство со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата ќе работат на дополнување на членот на Законот за јавни набавки со поглавје Ковид-19 заради набавка на вакцини, лекови и сл. да има можност директно по пат на преговарање да можат брзо да ја направат набавката. Очекувам, потенцираше, во следните денови да се најде решение.
Третиот пакет, дополни, е можноста од соседите, Грција и Бугарија најавуваат директна поддршка, а воедно многу европски земји разговараат со министерот за здравство Филипче и со други министри, како Бујар Османи и Никола Димитров, за сите можности кои постојат.
Премиерот потсети и дека во петокот се одржа видеоконференција на која учествуваа министрите Филипче и Димитров, а на која еврокомесарот Вархеи ги кажа сите можности, како и дека се размислува и за грант од 70 милиони евра за Западен Балкан за набавка на вакцините.
-Државата освен обезбедените средства за 833.000 вакцини, кои ги одвои, одвои и дополнителни еден милион евра за набавка на инсулини и да остане резерва, 60 милиони денари да се користат за набавка на дополнителни вакцини. Нашиот став е да не чекаме грантови и да платиме сами, со оглед на тоа што имаме средства за побрзо да ги добиеме вакцините, рече Заев.
Добредојдени се, посочи, и грантови. Директно, пари има и пари мора да има за вакцината, за лековите, за се што ќе биде за полесно, побрзо и поефикасно справување со заразата од Ковид-19.
Прашан дали доцниме во барањата за набавка на вакцина од коронавирусот, Заев изјави дека се е навреме направено, и со контакти и со финансии. Вели да се почека како ќе се одвива вакцинацијата во Србија и оти имаме директни контакти со сите производители на вакцините и правиме се како и другите земји. Заев верува дека вакцинацијата ќе се одвива кај сите паралелно. Според него, не е возможно вакцинацијата во една земја да биде во декември, а во друга во март.
На новинарско прашање за состојбата со Велика Британија и кои превентивни мерки ги планираат нашите здравствени власти, Заев упати на одлуката на Главниот кризен штаб со која се забрануваат сите летови до крајот на годината од оваа држава кон Северна Македонија. Истовремено, се задолжуваат институциите за влез на граѓани, по кој било начин и пат влегуваат во Република Северна Македонија на граничните премини да бидат задолжително определени карантини од 14 дена во домашни услови.
Многу земји, посочи, преземаа вакви одлуки. Не се работи за нешто ново, што има сериозен смртоносен ефект, туку за нешто што е согледано во моменто се уште се анализира, но побрзо се пренесува отколку тоа што беше досега со преносливоста на Ковид-19.