Се бара дом за кученце кое се здобило со тешки повреди откако било претепано од дете

by fokus

За мало кученце од Прилеп, кое било претепано од дете и се здобило со потрес на мозокот, се бара дом каде ќе може да има безгрижен живот.

За случката со кученцето, на кое активисти за заштита на животните му го дале името Мали, имаше повеќе објави на социјалните мрежи.

Неодамна бил исфрлен од кола, во дел од Прилеп каде живееле повеќе луѓе кои се грижеле за уличните кучиња. Бил прегледан од ветеринар, и ќе биде куче со голем раст.

Но, последните објави за Мали се вознемирувачки.
Според активистката Кристина Димитрова, тој бил претепан од дете на улица, а настанот бил снимен на безбедносна камера. Имало и сведоци кои во повеќе наврати го виделе детето како го малтретира кученцето.
Родителите биле известени, но тврделе дека не веруваат.

-Мали е на тешка терапија. Има потрес на мозокот. Вчера му течеше крв од носот и ушите. И почнува да го губи видот на едното око. Оштетено е.Ве молам, да му најдеме дом!-апелира Димитрова.

Фотографии од него се објавени и на страницата на Здружението за заштита на животните Анима Мунди, а доколку некој сака да го вдоми, може да ја контактира активистката на dimitrova.kristina@gmail.com

Според законот за заштита и благосостојба на животните, забрането е предизвикување на болка, патење или повреди, сурово и нехумано однесување и убивање, како и осакатување на животни.

Предвидени се парични, но и затворски казни за оној што грубо злоупотребува животно, го изложува на непотребни маки, му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање.

Вики Клинчарова

Поврзани новости