Костовски: Кога Арсовска зборува за право, исто како Осама Бин Ладен да зборува за западни вредности

by Fokus

„Данела повторно е надвор од реалноста, продолжува да пишува реакции и соопштенија од канцеларија! Кога Арсовска зборува за право, тоа е исто како кога Осама Бин Ладен би зборел за западни вредности, или Хемингвеј би зборел за градежништво. Ете толку е својствено за Арсовска да збори за право“ пишува на Фејсбук градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски.

Тој вели дека „најлесно е да се пишуваат соопштенија од канцеларија, веројатно и така е поедноставно да се избега од народот“.

„Но народот на тоа ќе те потсети тогаш кога ќе треба, на избори, до тогаш јас сум заедно со бутелчани да се бориме заедно за решение на секој еден проблем.
Данела, згради во Бутел нема да има“ порачува Костовски.

Ваквата реакција на Костовски доаѓа по соопштението од Град Скопје во кое се вели дека „Градот Скопје нема да се впушта во коментирање на политиканти и политизирање на секоја деструктивна и блокирачка активност во организација на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалниците кои доаѓаат од редовите на оваа партија. Трасата на улицата „Боца Иванова“ е предвидена со Генералниот Урбанистички план, и во целата своја должина се простира на земјиште кое е во државна сопственост. Во овој дел законот е јасен и дециден, и нема простор за политички манипулации со истиот“.

„Што се однесува на наводни ДУП-ови за изградба на згради на потегот на оваа траса, апелираме до градоначалникот на општина Бутел конечно да ги научи своите ингеренции. Детален урбанистички план носи општината, а не градот Скопје. Тоа што Дарко Костовски ветувал дека на тој дел на ул.Боца Иванова ќе легализира земјишта на кои ќе вцртува маркици за изградба на згради, кои сега поради реконструкцијата на улицата нема да биде возможно е негов проблем, а никако проблем на градот или на граѓаните на градот Скопје“ се вели меѓудругото во соопштението од Град Скопје.

Поврзани новости