Во еден сет објавени разговори СДСМ тврди дека Законот за бранители не е донесен затоа што СДСМ и ДУИ така се договориле. Иако ВМРО ДПМНЕ тврдеше дека нема политички пазар за бранителите, сепак, според СДСМ од снимките станало јасно дека бранителите се жртва на партиски договор.
Во еден од разговорите зборуваат Груевски и Бонева, а тој и наложува да го пуштат Законот за бранителите во собраниска процедура затоа што во моментот односите со ДУИ не биле добри, а законот ќе се искористел како пазар за некое идно евентуално барање на ДУИ. Практично јасно станува, пренесе СДСМ, дека Груевски со законот си правел уцени со ДУИ за други прашања.
За оваа тема беа емитувани осум разговори и од нив се добива впечаток дека ДУИ и ВМРО ДПМНЕ навистина се испазариле околу законот. Груевски и пренесува на Јанкуловска дека дефинитивно законот ќе оди во парламент на гласање, иако ја уверува дека 90 отсто законот нема да се усвои. Тоа за Јанкуловска значи дека со законот имаат намера да постигнат само ефект во јавноста, а дека немаат намера да го изгласаат.
Мијалков пак му пренесува на Муса Џафери дека законот сепак ќе биде повлечен и го повикува кај Трајко Велјановски на гости за да договорат детали како да се однесуваат. И овој разговор, според СДСМ, е потврда дека ВМРО ДПМНЕ и ДУИ се пазареле.
Сопственикот на Сител телевизија Иванов во разговор со новинарот Латас зборуваат за законот. Иванов му пренесува дека ВМРО ДПМНЕ решиле по брза постапка да се носи Законот за бранители, иако веќе јавноста заборавила на тој закон. Латас, според снимката, претпоставува дека со законот се пазарат владејачките партии. За да ја провери информацијата, според СДСМ, Латас му се јавува на Протугер за да му објасни што се случува со законот, а тој му објаснува дека законот нема да стигне до гласање затоа што за еден амандман ќе се зборува по 140 минути и очекува ДУИ да поднесе милијарда амандмани и намерно ќе го заглавува.
И тоа, според СДСМ, е реализација на договореното меѓу партиите. Иако ВМРО ДПМНЕ оставал впечаток во јавноста дека сака да се донесе законот, сепак тајно преговарала како тој да не биде изгалсан, што и практично се случи.