СДСМ за блокадите на ВМРО-ДПМНЕ: Немаат чувство за државните интереси

by Fokus

Сè кај ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се сведува на еден збор: блокада! ВМРО-ДПМНЕ и во Собранието и надвор од него сè што прави се деструкции и блокади на важни процеси за граѓаните и државата, оцени денеска пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов.
Според него, додека Владата и другите институции прават сериозни дипломатски напори за да го откочат процесот на евроинтеграциите, за, како што вели, да се надминат неразумните блокади, ВМРО-ДПМНЕ се поставува спротивно на државните и националните интереси, спротивно од стратегиските интереси.

-Нивните најави за блокирања сообраќајници низ државата се само уште една потврда колку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се деструктивни и антинародни. Проблемот е што ВМРО-ДПМНЕ вака се однесува и во Собранието, па блокира и нов Клинички центар, како што блокираше и закони за антикризна поддршка на граѓаните и стопанството, финансирање здравствени установи среде криза. ВМРО-ДПМНЕ овде во Собранието блокира закон со кој над 3 000 наставници и стручни соработници ќе добијат вработување на неопределено време. Се противеа и на зголемувањето на пензиите, на зголемување на платите, се противеа и на зголемени субвенции за земјоделците. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ правеа и се уште прават обиди да се спречи нормално функционирање на државата. Надвор од ова Собрание, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со лаги и измислици се обидува да ги руши македонските позиции и тоа во крајно чувствителен момент. Ова е тотално немање сенс за националните интереси. Ова е саботирање на напорите да добиеме меѓувладина конференција во исклучително чувствителен период на меѓународни напори за премостување на блокадата во ЕУ, рече Костадинов.

ВМРО-ДПМНЕ од денеска најави протести и блокади на неколку локации во Скопје, но и во други градови, поради наводни тајни преговори на Владата со Бугарија.

Вчера опозициската партија го блокираше во собраниска комисија номинирањето кандидати за комплетирање на Уставниот суд, кој сега е со тројца судии помалку.

Поврзани новости