СДСМ врати шест општини што ги изгуби во првиот круг

by fokus

Вториот круг од претседателските избори покажа климав рејтинг на партиите кои учествуваа на изборите. Иако кандидатот на СДСМ ги доби изборите, сепак ВМРО-ДПМНЕ има предност во повеќе општини. Со плавата боја на СДСМ се обоени 38 општини на мапата на државата, додека во црвено се обоени 42 општини.

За споредба, во првиот круг, пак, ВМРО-ДПМНЕ водеше во 48 општини, што беше изненадување за многумина, бидејќи на локалните избори оваа партија успеа да добие градоначалнички места во само пет општини.

СДСМ, од друга страна, во вториот круг врати шест од општините што ги загуби во првиот круг. Владејачката партија освои повеќе гласови во Бутел, Радовиш, Брвеница, Јегуновце, Демир Хисар и Ранковце. Сепак, разликата во овие општини е многу мала. На пример во Бутел разликата во гласови е само 22 гласа во корист на Пендаровски, а во Радовиш само 26 гласа за Пендаровски.

Иако СДСМ води во 38 општини, разликата ја прават општините каде живеат мнозинство етнички Албанци. Во овие општини, како Сарај, Желино, Тетово, Арачиново, Пендаровски има по неколку илјади повеќе гласови од Силјановска.

И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ предничи во бројот на општини каде кандидатката Гордана Силјановска освоила повеќе гласови, сепак тоа не може да се земе како индикатор за расположението на гласачите кога би се гласало за парламентарни или локални избори. Треба да се има во предвид дека во двете општини каде се гласаше за градоначалник, Охрид и Ново Село, Силјановска има добиено повеќе гласови, но сепак победија кандидатите на СДСМ.

Поврзани новости