Во куќата на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески во Прилеп, се наоѓа и седиштето на германската фирма „Лудвиг Фајфер“, а која неодамна доби милионски бизнис во Македонија, откри на денешната прес конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
-Изгледа, нема крај на скандалите поврзани за министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, а ниту со скандалозните врски на министрите во Владата на Груевски со странски компании во земјава. Од цела Македонија, токму во куќата на министерот Јанакиески во Прилеп е седиштето на германската фирма „Лудвиг Фајфер“. Тоа е токму таа фирма, која што е избрана да ја гради канализациската мрежа во Прилеп, во рамки на милионскиот проект Пречистителна станица, рече Шилегов.
Тој како доказ приложи и имотен лист, според кој, сопственик на куќата од 355 квадратни метри е министерот Јанакиески, а ја приложи и тековната состојба на фирмата, која била регистрирана во септември 2013 година, на истата адреса.
-Проектот тежок 30 милиони евра, европски пари и пари од Буџетот на граѓаните на Република Македонија, почна токму со реконструкција на канализациска мрежа во Прилеп, а изведувач на работите, како што изјави лани директорот на прилепското јавно претпријатие Водовод и канализација, Сашо Николоски, е германската фирма „Лудвиг Фајфер“, потсети Шилегов.
Тој од министерот побара објаснување за тоа како токму странска фирма регистрирана во неговата куќа, добила милионски бизнис во проект, како што рече, координиран помеѓу Владата на Груевски и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп?
– Како се случило од сите можни локации во Прилеп и низ Република Македонија, токму куќата на Миле Јанакиески во Прилеп да биде седиште на подружницата на германската компанија во земјава? Каква е врската на Миле Јанакиески со фирмата Лудвиг Фајфер?, праша Шилегов.