Само овој месец, непосредно пред да отпочне примената на новите закони за администрацијата, со заострени критериуми, распишани се огласи за прием на над 500 лица во државните институции, посочуваат од СДСМ.
– Речиси и да нема државна институција во којашто нема вработувања: во канцеларијата на премиерот, во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, во Дирекцијата за заштита на лични податоци, во Јавното обвинителство. А како што објавивме, само во Владата, преку Генералниот секретаријат се отворени дури 194 позиции. Дали ова брзање за полнење на државната администрација по старите критериуми значи дека новите кадри не се способни да ги минат заострените критериуми што ќе се бараат од февруари? – праша Љупчо Николовски од СДСМ.
Инаку, се примаат 30 државни службеници, главно референти во Министерството за труд и социјална политика, 17 државни службеници, главно помлади соработници во Министерството за финансии, 13 државни службеници во Министерството за образование и наука, 6 службеници во Министерството за информатичко општество, 5 во Министерството за правда итн.