Македонска учителка меѓу 50 најдобри едукатори во светот

by Фокус 19:00
19:00

Во конкуренција на илјадници наставници од повеќе од 150 земји во светот, наставничката Весела Богдановиќ е прогласена за една од 50 најдобри наставници. Натпреварот го организира Varkey Gems Fondation, а изборот е направен од стручната Академија на VGF составена од владини експерти, научници, психолози, педагози, инженери, како и новинари од повеќе земји во светот.

За успехот на наставничката информираше Фондацијата „Чекор по чекор“, а со чија што помош наставничката, уште како студент, во 2000 година станала креативен педагог, односно присуствувал на обука за примена на воспитно/образовната методологија.

-Од тогаш, па се до сега, таа е најдобриот застапник на методологијата која е насочена кон детето и извонреден ентузијаст кој постојано се усовршува и во својата секојдневна пракса применува најсовремени наставни методи, истакнуваат од Фондацијата „Чекор по чекор“.

- Advertising -

Наставничката Богдановиќ веќе 12 години работи во малото селско училиште „Кочо Рацин, во селото Ивањевци, општина Могила, но нејзините ученици се чувствуваат како да посетуваат настава во некое училиште во развиените земји, бидејќи секојдневно истражуваат, учат низ игра и учат со помошта на информатичката технологија.

-Преку пренамена на отпаден материјал, со лични скромни средства и огромна креативност, заедно со своите ученици секојдневно изработува дидактички материјали по сите наставни предмети и со тоа обезбедува максимално стимулативна средина за учење, средина која наликува на свет од бајките. Не и пречи ни тоа што веќе 12 години секојдневно, во лоши услови за патување и со сопствено финансирање, патува од Битола до далечното селото Ивањевци, затоа што знае дека таму со нетрпение ја чекаат нејзините ученици, секогаш насмеани и спремни за нови, интересни, истражувачки авантура, појаснуваат од Фондацијата, кои додаваат дека нејзините ученици се на возраст од 5 до 7 години.

Учителката досега неколку пати добивала признанија и награди, а минатата година била прогласена и за наставник експерт- едукатор на Македонија, по што ја претставувала државата на Светскиот форум на иновативни наставници во Барселона, Шпанија, во организација на Microsoft“.

Богдановиќ, покрај тоа што влезе во 50 најдобри наставници ќе ја има шансата да се бори и за првото место, односно за титулата Global Teacher Prize, која доколку ја освои ќе добие и парична сатисфакција од 1 милион долари.

-И посакуваме да успее и да ја добие конечната титулата- наш а светски најдобар наставник и конечен победник, затоа што со својата неуморна работа и љубов кон професијата, таа тоа и го заслужува. Доколку имаме повеќе наставници кои како неа го вложуваат својот максимум во професијата,  образованието во Македонија ќе може да биде во чекор со најдобрите педагошки практики во светот, истакнуваат од Фондацијата.

 

Поврзани новости