Власта на ВМРО-ДПМНЕ ја внесе програмата Кембриџ аматерски, на сила, без потребните подготовки во образовниот систем, реагираат од СДСМ.
„За тоа говорат солзите на децата, нервозата на родителите и збунетоста на наставниците, како да бранат нешто за што биле обучувани само 2 дена. За тоа говори и неопременоста на училиштата со помагала, што треба да им го олеснат на децата совладувањето на обемната материја. Колку има да објасни власта околу најновиот Кембриџ експеримент, говори партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ од цели две страници“, велат од СДСМ.
Според партијата, образовните власти и должат објаснувања на незадоволната јавност којашто со право реагира на импровизациите во образованието.
Инаку, новина за учениците од прво, второ и трето одделение се учебниците по математика и по природни науки по програма на Кембриџ. Новините создадоа хаос кај учениците, родителите и наставниците, особено кај оние кои во прво и второ одделение учеле по старите учебници, а сега наеднаш се префрлуваат на нова програма, па така нема континуитет во учењето.