Со измените во Законот за градба, што набрзина ги усвои пред само неколку дена, власта го загрозува уставно загарантираното право на сопственост на граѓаните и прави уште еден упад во ингеренциите на локалната власт, обвини денеска Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски и член на Извршниот одбор на СДСМ.
Тој вели дека во членовите 5 и 6 од Законот, власта предвидува за објекти на државни органи, агенции или фондови основани од Владата, одобрение за градење да се издава без решени имотно – правни односи и дека овие објекти ќе може да добијат одобрениe за градба со давање изјава дека имотно – правните односи ќе се решат во иднина.
– Со оваа одредба во Законот власта го загрозува уставно загарантираното право на сопственост. Сопственикот, граѓанинот, власта го става во подредена положба. На мала врата посега по неговиот личен имот – предупредува Бочварски.
Во друг член (член 4), вели тој, се дава можност министерот за транспорт и врски да може да издаде одобрение за градење за сите објекти што се финансирани со средства од Буџетот на РМ.
– Со членот 9 пак се врши директен упад на власта во локалните самоуправи, односно општините на територијата на Град Скопје. За изведување на градбите односно поставување на опремата, а овде меѓу другото спаѓаат споменици и спомен обележја, инвеститорот сега ќе треба да поднесува барање и до градот Скопје а не како досега само до општината на која територија се наоѓа – смета претседателот на Комисијата за транспорт и врски и член на Извршниот одбор на СДСМ.