Од СДСМ реагираа на најавите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека екстерното тестирање ќе се менува, односно, ќе почнува од шесто одделение и нема да влијае на просекот на учениците.
За опоцизијата ова е само обид на власта да ги корегира штетите што ги направила на имиџот и рејтингот на партијата со воведувањето на екстерното тестирање. Од СДСМ бараат целосно укинување на екстерното тестирање, а не дополнително усложнување.
-Со новите законски решенија ВМРО-ДПМНЕ не сака и не може да ги поправи штетите кои ги нанесе. Само се обидуваат да ги ублажат последиците по нивниот рејтинг. Решенијата со кои се менува терминот на примена на екстерното оценување и чудното решение оценките од екстерното да не влезат во општиот успех се само привидно прикривање на проблемот. Учениците, родителите, професорите се жртви на нелогични, контрадикторни прашања и мегаломански пропагандни тестови со кои власта на Груевски ги лечи сопствените фрустрации – порача денеска Васко Ковачевски, пратеник од СДСМ.
Тој додава дека СДСМ во иднина планира да го укине екстерното тестирање и да ги поништи сите претходни резултати од него.