Откако деновиве генералниот секретаријат на Владата распиша конкурс за вработување 194 лица, од СДСМ предупредија дека бројката на вработени во ова неколку илјадно владино тело, само во последните две години, се зголемило за нови 551 лице.
-Бидејќи во огласите беа побарани лица без работно искуство, кои треба да го исполнат условот да се способни да работат под притисок, а од Владата до сега нема поконкретни информации какви се тие работни задачи за кои не треба искуство, ама треба издржливост за притисоци, може само да се претпоставува за какви вработувања станува збор. Тоа што е факт е дека во следната 2015 година, само за лицата од новиот оглас ние граѓаните ќе платиме 1.047.350 евра, рече на денешната прес конференција Љупчо Николовски, член на извршниот одбор на СДСМ.
Тој додаде дека последните над 500-тини вработени во секретаријатот, на годишно ниво, од Буџетот се излеваат неверојатни 3.034.395 евра.
-Овде не се пресметани договорите на секретаријатот за набавка на услуги за привремено вработување лица, во износи од над милион евра. Преку секретаријатот, секоја година се примаат и околу нови 500-тини лица по Рамковен договор. Таа бројка според достапните огласи од 2008 година е 3.334 лица. И за нив, никој не знае дали работат, каде и што работат или седат дома. Но се знае дека примаат плата и дека за нив, ние граѓаните даваме 9 милиони евра годишно, рече Николовски, истакнувајќи дека сумирано, само за овие споменати вработувања Владата годишно влече најмалку 13 милиони евра народни пари.
Од СДСМ посочуваат дека во овие бројки не се пресметани ангажманите во Канцеларијата на премиерот Никола Груевски. Објаснуваат дека само во последните 12 месеци, од достапните огласи, во неа се отворени 67 позиции, од коишто, најголем дел, за советници на премиерот. Само овие нови луѓе околу премиерот, ги чинат државата и граѓаните дополнителни околу 570 илјади евра годишно.
– Малите фирми едвај работат со по 1 -2 вработени. Средните фирми работат со десетици вработени. Но затоа Генералниот секретаријат на Владата работи како фабрика, со неколку илјади вработени и со таа разлика што секретаријатот ништо не произведува, ниту има потреба да заработи плати, туку влече пари на граѓаните, од државниот буџет, истакна Николовски, кој заклучи дека додека граѓаните живеат во сиромаштија, фирмите се борат за гола егзистенција, стопанството тоне, еве вака функционира делче од тешката машинерија на Никола Груевски и неговата власт, заклучи Николовски.