СДСМ: Владата ги остварува зацртаните реформи за подобрување на животот на граѓаните

by fokus

„Во првите сто дена од мандатот, Владата предводена од СДСМ спроведе низа мерки со коишто се унапредува социјалната заштита и се подобрува и олеснува животот на сите категории на граѓани, велат од СДСМ, реагирајќи на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што ја обвинија власта дека не работела домаќински.

„До крајот на оваа година ќе биде завршена изградбата и опремувањето на тринаесет нови детски градинки, со што се зголемува опфатот за 682 дечиња до крајот на годината, а ваквата интенција ќе продолжи и во 2018 година.

Дополнително, потпишани се и договори за обнова на градинката 8-ми април во Шуто Оризари, а објектот на поранешниот Пионерски дом во Куманово, ќе се реконструира и ќе се пренамени во детска градинка.

Два пати годишно ќе има усогласување на пензиите, според трошоците за живот и растот на платите. По последното усогласување, пензионерите ќе добијат дополнителни 2160 денари за цела 2017 година.

Преку предвидените измени на Законот за социјална заштита се овозможува подобрување на правата од социјалната заштита на лицата со попреченост. Владата ќе донесе посебна програма за персонален придружник на лица со попреченост. Надоместот за помош и нега од трето лице ќе се обезбедува без конзилијарно мислење од три специјалисти со што секој барател ќе заштедува по 1700 денари.

Се решава и деценскиот проблем на стечајните работници и околу 3.000 лица од оваа категорија граѓани ќе добиваат по 7.596 денари месечно.

Владата предводена од СДСМ и парламетарното мнозинство продолжуваат да ги остваруваат зацртаните реформи што го подобруваат животот на граѓаните, ја унапредуваат социјалната заштита и носат повеќе пари во семејните буџети“ се вели во соопштението на СДСМ.

Поврзани новости