СДСМ: Владата да ги укине драконските казни за граѓаните, а да даде субвенции за енергетски објекти

by Фокус

Опозицискиот СДСМ побара укинување на драконските казни за граѓаните, што ги воведува Владата на ВМРО-ДПМНЕ во градежништвото, преку предлог измените во Законот за градење.

– Власта на Никола Груевски воведува глоби до 3.000 евра за граѓаните, доколку по извршена значителна реконструкција на некој објект не обезбедат сертификат за енергетски карактеристики. Бараме глобите да бидат укинати, а државата да ги превземе трошоците за овој сертификат, кој го бара од граѓаните. Наместо продолжување на праксата од драконски казни за граѓаните, СДСМ предлага конкретна мерка за субвенционирање на секој граѓанин, кој ќе реши енергетски да го изолира својот објект.Субвенционирањето се однесува на директна финансиска помош од Буџетот на Македонија, која ќе изнесува 20% од вкупната инвестиција на граѓаните – истакна Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски.

Според нив, на тој начин доколку инвестицијата за објектот изнесува 10 илјади евра, 2 илјади евра се враќаат назад кај граѓаните.

– Мерката за субвенционирање би се однесувала за новите станбени објекти, но и за постоечките објекти, кои немаат енергетска заштита. За подобрување на енергетската ефикасност, државата ќе треба да одобри субвенционирање на граѓаните за: изолација на плафонот или таванот на највисокиот кат од објектот, поставување на надворешна топлинска изолација, замена на прозорците и изолација на плафонот на подрумот. На овој начин се добива до 70 посто заштеда на енергија во објектите. Граѓаните ќе плаќаат три пати помали сметки за струја, но и помали сметки за парно. Ќе се намали увозот на струја, ќе се заштедат многу пари, а ќе се намали и загадувањето на воздухот – тврди Бочварски.

 

Поврзани новости