Урбаната мафија не успеа. Го исполнивме нашето ветување пред граѓаните на Центар и Скопје. Советниците на СДСМ и коалициските партнери ги спречија бизнис – интересите на власта, што имаа за цел да го соголат Водно, со градби од 10 ката, коишто сеизмички го загрозуваат главниот град.
Со вакво соопштение до јавноста денеска излезе најголемата опозициска партија СДСМ, откако вчера во општина Центар се одржа жестока седница за донесувањето на спорните ДУП-ови Тасино чешмиче и Капиштец- Водно.
– Одлуката на советниците на СДСМ и коалицијата да ја напуштат седницата се покажа исправна и ефикасна. За деталните урбанистички планови гласаа само 11 советници, што согласно член 62, став 2 од Законот за локална самоуправа, е недоволно за нивно усвојување. Ќе продолжиме одлучно да се спротивставуваме на обидите на урбаната мафија да го загрозува здравјето и безбедноста на скопјани, како овој пат, за бизниси вредни над 630 милиони евра – се наведува во соопштението на СДСМ.