Поразителните политики на власта на Никола Груевски резултираат со неверојатни намалувања на бројката запишани ученици во основното и средното образование и нелогичен раст на наставници и професори за истиот период, велат од СДСМ.
Според пресметките на партијата, за 6 години од владеењето на Никола Груевски, од 2007 до 2013 година бројот на ученици запишани во основно училиште е намален за над 27.000 ученици.
„Парадоксално, за 6 годишното владеење, власта на Груевски ја зголемила бројката на наставници за 2.000! И ова се официјални податоци од Државниот завод за статистика“, велат од СДСМ.
Според нив, публикацијата „Македонија во бројки 2014”, покажува загрижувачки трендови и во средното образование. Па така, за 6 години, во време на владеењето на Груевски, од 2007 до 2013 година бројот на ученици е намален за 5.000.
„Ова се случува во време кога власта на Груевски го воведе како задолжително средното образование. За тој период, и покрај намалувањето на учениците, пораснал бројот на наставници за речиси 1.000. Овие податоци од Државниот завод за статистика се класичен доказ за бруталната партизација што се случува во Македонија.Образованието е само уште една жртва на власта на Никола Груевски којашто троши милиони евра народни пари за наводни реформи, а чијашто цел се исклучиво задоволувања на лични и тесно – партиски апетити“, реагираат од опозициската СДСМ.