СДСМ ги демантира шпекулациите дека во органите на партијата се разговара за следниот кандидат за претседател. Од таму негираат дека премиерот, Зоран Заев, се амбицира за таа функција.
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги демантира објавените информации на агенцијата ИНА, преземени и од дел на интернет порталите кои што редовно шират лажни вести. Во моментов не постојат разговори за дефинирање претседателски кандидат во органите и телата на СДСМ. Разговорите не се започнати и оттука воопшто не е точно дека е дефиниран кој било за кандидат. Исто така, не е точно дека има кандидати за премиерската позиција. Станува збор за класични шпекулации кои немаат никаква врска со реалноста“, велат од партијата.
Дополнително, додаваат од таму, јавноста знае, а СДСМ повторно реафирмира, како што велат, тоа не е цел на претседателот Зоран Заев.
„По промените и рушењето на режимот, Република Македонија оди напред. Владата предводена од премиерот Зоран Заев останува посветена на економскиот напредок, на подобрување на животниот стандард на граѓаните, на зголемувањето на платите, на инвестициите, на обезбедувањето сигурна и стабилна иднина на нашата заедничка татковина како членка на НАТО и ЕУ“, додаваат од партијата.