Мнозинството во општина Карпош на градоначалникот Стевчо Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ на тајна седница на големиот христијански празник Бадник на крајно нетранстарентен и насилнички начин ги усвоија Деталните урбанистички планови за Тафталиџе 1 и Карпош 3, со што на сметка на зеленилото се предвидуваат станбени објекти, реагираа денеска од опозицискиот СДСМ.
– Поради владеењето на Никола Груевски и Јакимовски, Карпош се соочува со последиците од дивеењето на урбаната мафија. Со континуираното уништувањето на зеленилото, изградба на објекти со кои се попречува нормалното функционирање на урбаните заедници, Карпош се повеќе пропаѓа во собраќааен хаос и граѓаните се гушат во се позагаден воздух – изјави Душко Весковски, претседател на сдсмовскиот општински комитет во Карпош.
Тој додаде дека советничка група на опозицијата поднела и иницијативи до Државниот инспекторат за локална самоуправа и подржала низа граѓански иницијативи во врска со незаконската и неделовничка постапка на носење на овие два урбанистички планови.
Од партијата на Јакимовски – ГРОМ, пак, возвратија дека плановите се донесени во постапка која е целосно законски регуларна и со ништо не отстапува со постапките кои во последните петнаесет години се носат во општината.
– Плановите се во постапка веќе подолго време, односно повеќе од една година, и се минати сите инстанци на носење на деталните урбанистички планови. Сите советници, вклучувајќи ги и советниците од СДСМ, знаеја дека се минати постапките. Се чекаше само на согласноста од Министерството за транспорт и врски, која беше добиена на 5-ти јануари. Вкупно 27 институции и стручни служби ги разгледуваа тие планови и не најдоа забелешки – рече советникот на ГРОМ, Горан Михајлов.