Срамната одлука на Уставниот суд не е ништо друго, освен класична злоупотреба на партиските инсталации во судството, со надеж дека Груевски ќе се спаси од одговорноста, дека ќе ја спаси сопствената кожа. Со ваква реакција денеска излезе опозицискиот СДСМ, со што обвини дека со одлуката на Уставниот суд премиерот директно признал дека ги крадел изборите.
– ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски организирано спроведувале изборен грабеж. Затоа беше поднесена оваа иницијатива до Уставниот суд и затоа експресно беше реализирана. Затоа беа организирани контра-протести, со притисок врз вработени во јавната администрацијата. Затоа ВМРО-ДПМНЕ креираше различни сценарија со намера да предизвика конфликти меѓу граѓаните. Се потврди се’. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не само што ги краделе парите на граѓаните туку го краделе и нивното основно право на слободен глас – се наведува во реакцијата на СДСМ.
Според СДСМ, масовниот одѕив на граѓаните на вчерашниот марш во одбрана на Уставот уште еднаш ја потврди граѓанската свест и граѓанската истрајност во борбата за слобода, демократија и европски вредности.
– Таа борба СДСМ ја продолжува заедно со граѓаните. Нема да отстапиме. Се работи за Република Македонија и темелите на коишто почива нејзината независност. По промените, на следните фер избори Македонија ќе биде слободна, демократска земја, во којашто ќе владеат уставот и законите. На Никола Груевски и злосторничкото здружение коешто го крадело гласот на граѓаните треба да им биде јасно дека ништо не може да ги спаси од одговорност за изборниот криминал. Секој којшто го прекршил законот ќе одговара – велат од СДСМ.