АЈДЕ: Уставот е мртов, судиите – послушници да си поднесат оставка

by Фокус

Од денеска Уставот на Република Македонија е мртов! Џелатите на уставноста и на суверенитетот на граѓаните се познати. Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски се петте „тефтер“-судии кои надвор од очите на јавноста не само што го убија Уставот, туку станаа и директни соучесници во криминалите и бандитизмот на актулната власт, стои во известувањето кое денеска го објави платформата за граѓанска политика АЈДЕ!.

Од „АЈДЕ“, велат дека судиите со ваквата одлука станале соучесници во криминалите на власта и поради таквата одлука треба да си поднесат оставка.

Тие бараат МВР веднаш да поднесе  кривични пријави за организаторите на контрапротестот пред Уставниот суд, но и веднаш да ги санкционира и да ги повика на одговорност сите оние службени лица кои вчера дозволиле да биде згазено уставното право на граѓаните на мирен протест со тоа што не ги отстранија навреме учесниците на контрапротестот од местото на кое претходно беше закажан и уредно пријавен протестот на АЈДЕ!.

– И нашата граѓанска иницијатива ќе поднесе пријави и ќе бара одговорност од сите оние лица кои не постапија во согласност со Уставот и законите и кои спречија десетина илјади граѓани слободно да протестираат и да бдеат пред зградата на Уставниот суд. Ја повикуваме меѓународната заедница будно да ги следи случувањата кои очигледно водат кон продлабочување на политичката криза во државава и кои недвосмислено покажуваат дека во Македонија нема услови за слободни, фер и демократски избори на 5 јуни. “ се вели во соопштението.

Поврзани новости